Свет 13. ноември 2019. / 11:18

Првпат по три децении во октомври во САД не е примен ниту еден бегалец

Првпат по три децении во октомври во САД не е примен ниту еден бегалец

Хуманитарната организацијата за помош на загрозените „Ворлд релиф“, објави дека октомври е првиот месец во изминатите три децении кога американските власти не примиле ниту еден бегалец во земјата.

САД се сметаа за дестинација број еден во светот за прием на бегалци од земји зафатени со војни, природни катастрофи или криминал. Сепак, по доаѓањето на Доналд Трамп на власт, земјата од прво се спушти на многу пониско место во прием на бегалци.

Лицата со бегалски статус најпрвин аплицираат за азил, а потоа, ако ги исполнат условите, добиваат дозвола за престој со што стануваат постојани жители на земјата што ги прифатила.

Најверојатна причина што ниту еден бегалец не добил дозвола за престој во САД во октомври е опширната бирократска процедура, анализира „Лос Анџелес тајмс“.

Откако американскиот претседател, Доналд Трамп, го одложи потпишувањето на указот за лимитирање на бројот на лица со бегалски статус до 18 илјади луѓе, стотици бегалци на кои им е дозволено да пристигнат во САД чекаа со месеци. Трамп го потпиша указот в петокот, со што лицата со бегалски статус можат да отпатуваат за САД со надеж да добијат азил.

За споредба, администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама во 2016 година постави лимит за овозможување бегалски статус за 110 илјади лица годишно. Лани таа бројка се намали до 45 илјади а годинава, до 40 илјади.

Некои од предизборните ветувања на Трамп во 2016 година беа строги имиграциски закони и ветување да изгради ѕид на јужната граница кон Мексико.

Се оценува дека моментално во светот има околу 71 милион раселени лица, од кои 26 милиони се бегалци кои од своите земји се прогонети поради војни, религиска или расна нетрпелливост.