Свет 14. ноември 2019. / 19:45

Првата фабрика на „Тесла“ во Европа ќе биде во Берлин

Првата фабрика на „Тесла“ во Европа ќе биде во Берлин

Автомобилската и електроенергетската компанија „Тесла“ соопшти дека нивната прва фабрика во Европа ќе биде отворена во Берлин.

Извршниот директор на компанијата, Илон Маск, изјави дека четвртата Гигафактори ќе биде во главниот град на Германија, каде што ќе изгради инженерски и дизајнерски центар.

– Сите знаат дека германскиот инженеринг е неверојатен и тоа е дел од причината зошто ќе ја лоцираме нашата фабрика токму во Германија – изјави Маск на церемонијата за доделување награди за автомобили во Германија.

Според извор на „Фајненшл тајмс“, Тесла во Берлин ќе произведува два модела: нискобуџетниот Model 3 и Model Y, кој се уште не е во производство. Целта на компанијата е со производство да почне во 2021 година.

Засега не е познато кога ќе почне изградбата на Гигафактори 4, ниту за колку време ќе биде готова.

Третата Гигафактори, онаа во Шангај, била изградена за помалку од половина година. Во Кина, Тесла произведува возила Модел 3, наменети за внатрешниот пазар.