Свет 20. јануари 2021. / 23:39

Прв полициски час по Втората светска војна во Холандија

Прв полициски час по Втората светска војна во Холандија
Холандската Влада најави од петок воведување на полициски час, во обид да го спречи ширењето на новиот вид на коронавирус во земјата.
Тоа ќе биде прв полициски час кој е воведен по Втората светска војна во оваа европска држава, која е под „локдаун“. Полицискиот час би им овозможил само на луѓето со итни потреби да ги напуштат своите домови во периодот меѓу 20:30 часот и 04:30 наутро од петок навечер.
Училиштата и малите продавници веќе се затворени од средината на минатиот месец, по затворањето на баровите и рестораните два месеца претходно. Овој „локдаун“ ќе остане во сила најмалку до 9 февруари, изјави минатата недела премиерот Марк Руте.
Според последните податоци, во Холандија досега се евидентирани 921.580 случаи на зараза со Ковид-19, од кои 13.162 се починати.