Свет 12. јануари 2021. / 08:41

Промена на вредноста на Биткоинот – најголем пад од март досега

Промена на вредноста на Биткоинот – најголем пад од март досега

Биткоинот изгуби 19 проценти од својата вредност, падна на 30.699 долари, што е најниско ниво за една недела, а криптовалутата е на пат да оствари најголема загуба од март досега.

Тоа ќе биде најголемиот дневен пад на вредноста на биткоинот од пролетта, кога неговата вредност потона поради хаосот на финансиските пазари предизвикан од ширењето на пандемијата на ковид-19.

Ваквиот развој на настаните е резултат на зајакнувањето на американската валута во однос на најважните светски валути во очекување на повисоки каматни стапки во САД.

Вредноста на втората најважна криптовалута, ethereum, исто така, нагло падна за 23 проценти, така што денес се наоѓа на најниско ниво во последната недела со вредност од 985 долари.

Интересот за инвестирање во биткоини порасна откако институционалните инвеститори почнаа да го купуваат во значителни количини, верувајќи дека таквата инвестиција ги штити од инфлација и дека можат да остварат профит доколку валутата се користи пошироко.

Таа криптовалута повеќе од двојно ја зголемила својата цена од почетокот на декември, на рекордни 42.000 долари кон крајот на минатата недела, што предизвика некои инвестициски банки да бидат претпазливи за можниот „меур на цените“.

Британскиот регулатор за финансиски пазари (FCA) денес ги предупреди инвеститорите дека инвестициските и кредитните производи поврзани со криптовалутите може да содржат „многу високи ризици“.

“FCA е свесна дека некои компании нудат инвестиции во крипто-валута или нудат заеми и инвестиции поврзани со крипто-валути кои ветуваат високи приноси. Доколку потрошувачите инвестираат во такви производи, треба да бидат подготвени да ги изгубат сите свои пари”, предупредува FCA.

Банката на Америка минатата недела објави дека најпопуларната крипто валута во светот е на пат кон надуен меур, исто како и Дотком или цените на златото во 1970-ите.

Но, од друга страна, стратезите од Џи- Пи- Морган веруваат дека биткоинот станува ривал на златото и дека неговата цена може да достигне дури 146 000 долари доколку стане средство за инвестирање во неизвесни времиња.