Свет 24. јули 2019. / 22:05

Профитот на Кока Кола во вториот квартал изнесува 2,61 милијарда долари

Профитот на Кока Кола во вториот квартал изнесува 2,61 милијарда долари

Компанијата Кока Кола ги надмина очекувањата со профитoт остварен во вториот квартал и ја зголеми прогнозата за приходите за целата година.

Најголемиот светски производител на безалкохолни пијалоци соопшти дека сега очекува органски раст на приходите од пет проценти во целата 2019 година, што е поголема проекција во однос на претходниот прогнозиран раст од околу 4 проценти, објави агенцијата Ројтерс.

Нето профитот на компанијата во вториот квартал изнесувал 2,61 милијарда долари или 61 цент по акција.

Кога се исклучуваат еднократните ставки, компанијата заработила 63 центи по акција, што е за два центи повеќе од очекувањата на Вол Стрит.

Приходите на компанијата пораснаа за 6,1 проценти на десет милијарди долари, што е исто така над очекувањата.

Првиот енергетски пијалок на Кока Кола – “Кока Кола – Енерџи” – лансиран во Европа во текот на вториот квартал, оствари успех во продажбата, а до крајот на оваа година, како е најавено, ќе се најде на уште 20 пазари.

И купувањето на британскиот ланец кафетерии Коста Кофи, реализиран оваа година, исто така и се исплатеше на американската компанија.

Акциите на Кока Кола се зголемија за два проценти пред официјалното отворање на њујоршката берза, објави агенцијата AP.