Во согласност на новата влада со италијанските региони, указот за антиковид-мерки, кој истекува за три дена и со кој се забранува движење на населението од еден во друг регион, е продолжен до 27 март годинава, соопштуваат италијанските медиуми.
Исто така, поради зголемувањето на бројот на заразени лица, особено со британскиот вид, полицискиот час останува во сила од 22 до 5 часот наутро, а баровите и рестораните ќе останат отворени само во т.н. жолти зони.
Според експертите, во средината на март се очекува врвот на пандемијата, а по забрзаното ширење на британскиот сој, постојат претпоставки дека бројот може да достигне речиси 25.000 нови инфекции на дневна основа.
Санитарните власти во Италија посочуваат и на шокантна можност, бројка од приближно 40.000 новоинфицирани доколку се олабават сегашните мерки бидејќи, според нив, во средината на март британскиот сој ќе биде доминантен во Италија.
Тие исто така работат на интензивирање на кампањата за вакцинација, каде што се предлага да се воведат општи лекари на таа позиција, околу 40.000, доколку вакцините пристигнат на време.
„Колку е тешка ситуацијата без драматизирање, покажуваат бројките на позитивни зголемувања во претпоследниот викенд. Како некој да ставил бензин во оган со ширењето на британскиот вид, особено кај младите и претежно во училиштата“, заклучуваат санитарните власти во Италија предупредувајќи дека болниците во многу региони се веќе пренатрупани.