Свет 07. февруари 2019. / 16:37

Припадниците на ИД се предават во селото Багуз

Припадниците на ИД се предават во селото Багуз

Припадници на терористичката организација „Исламска држава“ пребегуваат од последната територија која е под контрола на ИС во Сирија, јавува Би-Би-Си.

Мажи, жени, деца, многу од нив со сериозни повреди, без храна, се побрзо ја напуштаат енклавата.

Припадниците на ИС се предават во селото Багуз, каде се наоѓаат базите на Сириските вооружени демократски сили (СДФ), кои се борат во коалиција со армијата на САД.

Претседателот на САД Доналд Трамп во средата соопшти дека територијата окупирана од страна на Исламската држава во Сирија ќе биде ослободена 100% до наредната недела.

Командантите на СДФ преговараат за можен договор со кој ќе бидат ослободени неколку членови од СДФ кои ИС ги држи заробени во Идлиб, северо-западна Сирија, предел кој не е под контрола на сириската влада.

Според информации од локални извори, повеќето од тие кои избегале се жените и децата на борците на ИС.

Голем број на иселени Сиријци веќе се враќаат во своите домови во областите кои СДФ ги ослободи минатиот месец, иако голем дел од градовите се уништени од војната.