Свет 10. мај 2020. / 17:45

Преокупираноста со Ковид-19 може да предизвика пораст на ХИВ, маларија, морбили и други болести

Преокупираноста со Ковид-19 може да предизвика пораст на ХИВ, маларија, морбили и други болести

Здравствени експерти предупредуваат дека е можно зголемување на случаите на заразени со ХИВ, маларија и други болести во светот во следните неколку месеци, додека националните влади се преокупирани со борбата против Ковид-19.

Експертите се загрижени поради заостанувањето во борбата против болести како што се туберколоза и морбили и предупредија на можно зголемување на гладот во светот, бидејќи хуманитарните организации се обидуваат да го урамнотежат одговорот на пандемијата на корона вирусот со своите напори во борба против тековните предизвици.

Ако не добиете Ковид-19, но починете од маларија, очигледно не сте во подобра позиција. Не може да се запре со сета работа бидејќи вниманието се префрлило на друго место. Мора да се продолжи – вели Бил О`Киф, извршен потпретседател за мисија, мобилизација и застапување во католичките служби за помош.

Гејл Смит, претседателката на „Уан“ кампањата, група која се бори против екстремна сиромаштија и превентивни болести, потенцира дека битката се води на повеќе фронтови и мора да се бараат одговори за сите нив. Таа потсети дека за време на епидемијата на ебола, дошло до пораст на заразените од морбили и маларија.

Нашата заедница е загрижена поради влијанието во земјите кои се борат против мали сипаници, колера, детска парализа, но во исто време мора да се борат и против ширењето на Ковид-19 – изјави Ноам Унгер, потпретседател за развојна политика, застапување и учење во „ИнтерЕкшн“, сојуз на меѓународни невладини организации.