Свет 17. октомври 2020. / 15:30

Премиерката на Нов Зеланд убедливо победи на изборите

Премиерката на Нов Зеланд убедливо победи на изборите

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн убедливо победи на изборите и освои нов мандат.

Нејзината Лабуристичка партија освои 49 проценти од гласовите и се предвидува дека ќе има мнозинство во парламентот, пренесува Би-би-си.

Ривалската партија на десниот центар, Националната партија, во моментов има 27 проценти од гласовите и го призна поразот.

Овие избори требаше да се одржат во септември, но беа одложени поради коронавирусот. Гласањето се одржа вчера од 9 до 19 часот, а повеќе од милион луѓе гласаа порано, како што дозволува системот на Нов Зеланд.

Ардерн им се заблагодари на приврзаниците за огромната подршка на лабуристите.

Лабуристите исто така имаа голема предност и на анкетите пред изборите. Тие првично покажаа дека Ардерн може да формира влада само со своја партија, што е првпат една политичка групација да има апсолутно мнозинство откако Нов Зеланд во 1996 година доби пропорционален изборен систем.

Неодамнешните анкети покажуваа дека најверојатно сепак ќе ѝ биде потребна поддршката од Зелените.

Лабуристичко-зелената коалиција пак би била првата целосно левичарска влада во островската држава во последните неколку децении. Лидерката на опозицијата Колинс предупреди дека тоа значи зголемување на даноците и донесување мерки за заштита на животната средина што ќе ги ограничат деловните активности.

Ардерн најави повисоки даночни стапки за најбогатите, додека Колинс вети брзо намалување на даноците. Покрај тоа, двете лидерки се согласуваат за повеќето прашања.

Ардерн во државата и низ целиот свет е фалена за својата реакција по масовното пукање на белиот расист во Крајстчрч. Тогаш таа порача „бидете силни и добри“ и брзо ги заостри рестрикциите за оружје.

Таа беше фалена и за пристапот во борбата против коронавирусот, кој беше рано елиминиран во нацијата. Изборите во Нов Зеланд се одложени за еден месец поради новото жариште во Окланд што ја врати „блокадата“ во најголемиот град.

Животот во Нов Зеланд се врати во нормала, но границите се сè уште затворени, поради што страда туризмот, а економистите предвидуваат долготрајна рецесија. Економијата на Нов Зеланд падна за 12,2 проценти во вториот квартал, што е најмногу од Големата депресија.

Новозеланѓаните во сабота ќе гласаат и на референдум за легализирање на евтаназијата и рекреативната употребата на марихуаната, а резултатите ќе бидат објавени на 30 октомври. Нов Зеланд на тој начин може да стане трета земја во светот што го легализира канабисот, по Уругвај и Канада.