Министерот за населби на Израел, Цачи Ханегби предупреди дека земјата може да влезе во војна со Иран доколку Џо Бајден победи на претседателските избори во САД.
Коментирајќи го Заедничкиот сеопфатен план за акција за иранската нуклеарна програма, израелскиот политичар рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и повеќето Израелци веруваат дека тој не е во право, „што е потценување“, пишува Џерусалим пост.
Ханегби тврди дека ставот на Бајден кон иранската нуклеарна програма всушност може да доведе до војна меѓу Иран и Израел.
– Бајден долго време отворено тврдеше дека ќе се врати на нуклеарниот договор. Јас го гледам тоа како нешто што ќе доведе до насилна конфронтација меѓу Израел и Иран, рече Ханегби, кој е министер за населби, а претходно беше министер за земјоделство, правда и регионална соработка.
Зви Хаузер, претседател на Комитетот за надворешни работи и одбрана на израелскиот парламент, не се согласува со него, опишувајќи го Бајден како „иден пријател на Израел“.
-Дури и да се обнови договорот со Иран, тој ќе биде подобар од претходниот, изјави Хаузер за Армиското радио.
Договорот за нуклеарната програма меѓу земјите П5 + 1 и Иран е потпишан во 2015 година за време на мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама.
Американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од овој договор во мај 2018 година.
Договорот предвидуваше Иран да ја намали својата нуклеарна програма и сериозно да ги намали резервите на ураниум во замена за олеснување на санкциите, вклучително и укинување на ембаргото за увоз на оружје во рок од пет години од потпишувањето.