Свет

Пред да го урне авионот Ричард изјави: Јас сум само скршен човек (ВИДЕО)

Пред да го урне авионот Ричард изјави: Јас сум само скршен човек (ВИДЕО)

Инспекторите се обидуваат да ги сложат коцките во врска со инцидентот кога вработен во авиокомпанија успеа да украде празен патнички авион и да полета од меѓународниот аеродром во Сиетл, по што следеше и фатален пад на леталото на мал остров во близина.

Според официјалните претставници, човекот идентификуван како Ричард Расел (29) бил вработен во компанијата „Хорајзон“ три и пол години и имал дозвола да биде во близина на авиони, но според нивните сознанија тој не бил лиценциран пилот.

Расел во петокот вечерта искористил погодна прилика да се качи во празниот авион и да полета со него.

Не е познато како успеал да се стекне со знаења за да прави акробации во текот на краткиот лет или како воопшто знаел да ги стартува моторите.

„Авионот е целосно распарчен. Крилјата се паднати, а трупот на леталото е извртен“, изјави Дебра Екрот, регионален шеф за национална безбедност во сообраќајот.

Инспекторите веруваат дека ќе можат да ги соберат сите снимки од диктафонот во пилотската кабина.

На една од овие снимки може да се слушне како Расел им објаснувал на контролорите на летови дека е скршен човек, додека еден од диспечерите се обидувал да го убеди да го спушти авионот.

„Пистата е на твојата десна страна, на само неколку километри“, вели во еден момент диспечерот.

„О, човеку. Оние момци ќе ме скршат ако се обидам да се спуштам таму“, вели на тоа Расел. „Веројатно ќе ме стават во затвор“. Подоцна, тој додадава: „Имам многу луѓе кои ме сакаат. Ќе бидат разочарани кога ќе слушнат дека сум го направил ова… Јас сум само скршен човек, со неколку разлабавени штрафови“, кажува Расел.

На социјалните мрежи, Ричард Расел означил дека се оженил во 2012 година, а поставил и видео клип во кој на духовит начин зборува за својата работа. Покрај тоа, имал и многу снимки и фотографии од неговите патувања.

Семејството на Расел објави соопштение за јавноста во кое се наведува дека се целосно шокирани и скршени.

„Ричард беше верен сопруг, грижлив син и добар пријател. Не даваше никакви сигнали дека може да стори нешто вакво. Неговото однесување беше нормално, не се однесуваше чудно. Единствена работа е што некое време не користеше интернет односно не беше достапен онлајн“, изјавил еден од пријателите на Ричард.

Колегите од аеродромот, за Ричард кажале само пофални зборови, односно дека бил вреден, драг и весел.

Сепак, по овој инцидент, американските власти се загрижени дека младиот човек можел да поведе во смрт и многу други луѓе, па поради тоа најавија построги безбедносни мерки на аеродромите.

„Ако имал вештина да направи такви акробации со авионот, сигурно дека можел да го забие во зграда или пак да убие луѓе на земјата“, изјавил поранешниот агент на ФБИ, Ерол Саутерс.