Daimler Trucks испорача уште четири возила Fuso eCanter за PostNL, еден од првите клиенти за електричните возила од концернот. Камионите со погон на струја се користат за локално разнесување пратки во холандските градови Хаг, Нијмеген, Тилбург, Амерсфорт и Мастрихт.
Со цел доставата на пратки во градовите да ја организира поинтелигентно и одржливо, холандската Post NL основаше огранок под името Stadslogistiek, кој меѓу другото користи електрични возила во својот возен парк. Овој огранок соработува со шпедитери кои се наоѓаат на периферијата на градовите. Во рамките на таа соработка се организирани т.н. Green City Hubs (центри за логистика) кај шпедитерите на периферијата.
Клиенти на Stadslogistiek обично се компании во центарот на градот. Место нивните снабдувачи да им доставуваат стока директно во градот, го прават тоа до логистичките центри на перифериите, како дел од организацијата на Stadslogistiek. Тука стапуваат на дело електричните камиони Fuso eCanter на Post NL, кои стоката од периферијата ја доставуваат чисто и тивко до своите клиенти во центарот на градот.
Досегот од 100 километри е доволен за дневната рута, полнењето на батеријата на електричните камиони е преку ноќ.
Електричните камиони со носивост до 3,5 тони обично пренесуваат хартија за печатење, кафе или обични крпи за раце до своите клиенти, меѓу кои спаѓаат продавници, градски институции, министерства или осигурителни компании. Со досег до 100 километри, електричниот Fuco eCanter без проблем ја совладува дневната тура со едно полнење. Камионите се приклучуваат на полнач ноќе, за наутро да бидат подготвени за новите тури за тој ден.
Во Холандија досега се испорачани 18 примероци од малосериското производство на Daimler Trucks во Трамагал, Португалија. Голем број возила се испорачани и во Јапонија и САД. Моментно на најразлични локации низ светот сообраќаат над 180 примероци од Fuso eCanter, меѓу другото во Њујорк, Лос Анџелес, Токио, Берлин, Амстердам, Париз, Копенхаген, Даблин и Лисабон.