Свет 07. мај 2018. / 12:27

Позната локацијата каде ќе се сретнат Доналд Трамп и Ким Џонг Ун

Позната локацијата каде ќе се сретнат Доналд Трамп и Ким Џонг Ун

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот водач Ким Џонг Ун веројатно ќе се состанат во јуни во Сингапур, јавија медиумите денеска, додека траат нагодувањата за тоа каде ќе се одржат овие разговори без преседан на двајцата контроверзни лидери по затегнатите односи, кои по низата севернокорејски нуклеарни проби и остри американски реакции доведоа до работ на војна.

Оваа исклучително важна средба на врвот би требало да се случи „во средината на јуни“, пишува денеска јужнокорејскиот дневник Хосун Илбо, повикувајќи се на дипломатски извори, кои го цитираат советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон. Весникот понатаму наведува дека можноста домаќин на оваа историска средба да биде Сингапур е „сè поголема“ по неодамнешната средба на американскиот претседател со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-Ин, во Белата куќа.

Како што јавуваат локалните медиуми, советникот на Трамп Болтон при крајот на минатата седмица се состана во Вашингтон со својот јужнокорејски колега Чунг Еуи-Јонг за да расправаат за плановите за одржување на средбата. Исто така, јужнокорејската новинска агенција за време на викендот најави дека е утврдено Сингапур да биде место на средбата на двајцата лидери.

Претходно Трамп најавуваше можност до средбата да дојде во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи, која, како што истакна, исто така би можела да биде соодветно место. Меѓу другите можни домаќини на средбата се спомнуваа Монголија и Швајцарија, јавува Хина.