Повеќето Европејци веруваат дека ЕУ може да се распадне во наредните две децении, покажува студијата на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR) и меѓународната фирмa за истражување на пазарот и анализа на податоци JuGov.
Студијата, во која биле вклучени повеќе од 60.000 луѓе од 14 земји членки на ЕУ, покажа дека значителен број испитаници сметаат оти реална е можноста во наредната деценја да избие војна меѓу две земји од ЕУ.
Истражувањето покажа дека нивото на поддршка за членство во ЕУ е високо, но дека песимизам преовладува кога станува збор за иднината на блокот.
Во секоја земја членка, освен во Шпанија, мнозинството гласачи веруваат дека ЕУ ќе пропадне во следните 10-20 години, тврди студијата.
Како што е наведено, во Франција 58 отсто од испитаниците сметаат дека е реално оти блокот ќе пропадне за две децении, со што исто така се согласуваат и 57 отсто од Италијанците и Полјаците.
Дури и во Шпанија 40 отсто од испитаниците изјавиле дека е реална можноста ЕУ да се распадне.
Истражувањето покажува дека повеќето Европејци, доколку ЕУ се распадне, како на најголема загуба гледаат на колапсот на единствениот пазар, а потоа и на прашањето за слободно патување преку границите и слободите за живот и работа во други земји.
Значителен број испитаници исто така рекле дека војна меѓу земји членки на ЕУ е реална можност во следната деценија.
Повеќето од нив се во Австрија, каде што 38 отсто сметаат дека би можело да избие војна во следните 10 години, а во Франција ваквиот процент изнесува 35 отсто.
Уверувањето дека е можно да избие војна меѓу земји членки во ЕУ е особено силно кај помладата попуација, пренесува Си-ен-би-си.