Повеќе од половината од сообраќајните полицајци на Малта, вклучувајќи го и нивниот шеф, се уапсени поради сомневање дека лажирале стотици прекувремени часови во период од три години.
Во акцијата која следувала по анонимна дојава, притворени се 37 од вкупно 50 сообраќајни полицајци во таа земја.
Шефот на сообраќајната полиција, Волтер Спитери, се сомничи и дека барал на користење мотоцикл иако на располагање имал службен автомобил со возач.
– Шефот на сообраќајната полиција вчера поднесе оставка, која е прифатена – соопштија од полицијата.
Неколку полицајци се сомничат и дека купувале гориво со службени пари за свои приватни возила.
Премиерот Роберт Абела оцени дека е добро што полицијата спроведува истраги во сопствените редови.
– Тоа ја потврдува функционалноста на полицијата. Ако истрагите покажат дека тие луѓе треба да се доведат пред суд или да се преземат дисциплински мерки против нив, тогаш тоа и ќе се случи – порача Абела.