Во САД во изминатите 24 часа се пријавени најмалку 52.898 новозаболени од корона вирус, што е најголем број од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците објавени од Универзитетот „Џон Хопкинс“.
По овие нови случаи на инфекција, вкупниот број случаи на американско тло се искачува на 2,7 милиони. Во изминатите 24 часа од пандемијата, 706 луѓе починале во САД, или вкупно 128.028.
Бројот на новозаболени во САД е најголем од почетокот на Сарс-Ков-2, а бројот на хоспитализирани пациенти расте во неколку жаришта како Хјустон (Тексас) и Феникс (Аризона).
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њузом, донесе одлука дека ќе ги забрани, како што стори и во екот на пандемијата, сите ресторански услуги во затворени простори во Лос Анџелес и во 18 други окрузи од најтешко погодените држави.
Забраната важи и за барови, кина и музеи и ќе важи најмалку три недели.