Свет 17. декември 2018. / 11:56

После толку години Дамаск блесна со новогодишни декорации (ФОТО)

После толку години Дамаск блесна со новогодишни декорации (ФОТО)

Првпат по повеќе години празнични декорации осамнаа во предградие на Дамаск кое беше линија на фронтот во сириската војна сѐ додека владините сили не ги избркаа и последните преостанати бунтовнички енклави во престолнината претходно годинава.

Подготовките за празниците годинава се повеќе од одлични. Нема повеќе гранати, вели Хана ал Сад, сопственичка на продавница во квартот Каса која често беше гранатиран од соседната област Џобар, пренесува Ројтерс.

Плоштадот Абисиен, на кој секојдневно паѓаа гранати, и блиските делови од градот се украсени со светилки и елки, додека музичарите се спремаат за божиќен марш каков што со години не е виден.

-Пресреќни сме. Децата сега повторно можат да одат во црква без да се грижат за својата безбедност, а нивните родители се многу помирни, вели Алин Друби, музичарка која ги придружува изведувачите, а вежба во црквата на Абисиен.

Жителката на кварто Каса Абир Исмаил се сеќава дека во ова време минатата година не смееле ни да одат по улиците.

-Немавме ни струја, а не пак божиќни декорации, вели таа, изразувајќи задоволство од украсените улици и куќи годинава.

Источниот дел од Дамаск беше на удар на бунтовничките гранати сѐ додека владините сили не ја вратија контролата врз регионот Гута за време на офанзива со поддршка од Русија.