Свет 18. јули 2019. / 22:17

После 100 години повторно ќе се реставрира ковчегот на Тутанкамон

После 100 години повторно ќе се реставрира ковчегот на Тутанкамон

Тутанкамон е едно од најпрепознатливите имиња од Древен Египет. Позлатениот ковчег на детето-фараон е преместен од гробницата во Луксор во Големиот египетски музеј каде ќе биде реставриран.

Ова е прва реставрација на ковчегот откако беше откриен во 1922 година, соопшти египетското Министерство за антиквитети.

Ковчегот во неделата беше преместен од Долината на кралевите и ќе биде изложен во Музејот заедно со други антиквитети најдени во гробницата.

Ковчегот е прилично оштетен, вклучувајќи ги пукнатините на златните слоеви – рече доктор Еиса Зидан, водач на тимот за прва помош, реставрација и транспорт на антиквитети при Музејот.

Тој додаде дека пред да го пратат ковчегот во Музејот изготвивиле детален извештај за неговата состојба во кој се наведени сите оштетувања.

Реставрацијата ќе трае осум месеци, а медиумите ќе имаат можност за увид по две недели.

Реставрацијата на ковчегот следи по реставрацијата на целата гробница. Во јануари годинава заврши деветгодишниот потфат со кој на гробницата ѝ беше вратен некогашниот сјај.