Свет 17. декември 2019. / 09:45

Поранешниот пакистански претседател, Первез Мушараф осуден на смртна казна за велепредавство

Поранешниот пакистански претседател, Первез Мушараф осуден на смртна казна за велепредавство

Специјалниот суд на Пакистан го осуди поранeшниот претседател на земјата, Первез Мушараф на смртна казна, во големиот судски случај за велепредавство.

Первез Мушараф е прогласен за виновен по член 6, за кршење на Уставот на Пакистан – соопшти судот.

На Мушараф му се судеше за предавство, бидејќи, како што се наведува, вовел вонредна состојба во 2007 година, укинувајќи го Уставот, а со цел да остане на власт.

Му се судеше во отсуство бидејќи пред неколку години го напушти Пакистан, поради лекување и ја дочека пресудата во тешка состојба во болница во Дубаи.

Тој од болнички кревет порача дека смета оти судењето било нефер, бидејќи се одиграло без него, но и поради тоа што чесно ѝ служел на својата земја. Видео снимката од Мушараф ја објавија пакистанските медиуми.

Мушараф дојде на власт со државниот удар во 1999 година, а на функцијата претседател беше од 2001 до 2008 година. Во 2016 година му беше дозволено да го напушти Пакистан заради лекување во Дубаи.