Шведските медиуми изразуваат загриженост дека жителите на земјата би можеле да бидат исклучени од повторното отворање на границите, како во нордискиот регион, така и во остатокот на Европа. Ваквото стравување доаѓа по веста дека Кипар нема да дозволи директни летови од Шведска кога ќе ги отвори своите граници на 9 јуни.
Шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде, изјави дека ниту една земја не треба да биде исклучена од потенцијалниот договор за отворени граници меѓу нордиските земји, во време кога регионот планира олеснување на ограничувањето на патувањето донесено во екот на пандемијата на корона вирусот.
Линде изјави дека исклучувањето на Шведска ќе биде „политичка одлука“ која нема да биде оправдана од здравствена гледна точка.
Шведска беше предмет на критики заради опуштената стратегија за борба против корона вирусот поради одлуката да останат отворени училиштата и угостителските објекти во земјата. Шведска, исто така, не ги затвори границите кон соседните земји.
Линде напомена дека Брисел ги повикал земјите членки да не дискриминираат при повторно отворање на границите.
Тоа е многу комплицирано прашање и мислам дека сите политичари во секоја земја исто така треба да согледуваат долгорочен ефект, пред да донесат многу политички мотивирани одлуки – вели Линде.
Меѓутоа, соседите на Шведска се двоумат, а Данска и Норвешка се уште се во фаза на одлучување дали наскоро да ги отворат границите.
Граничните ограничувања на Финска важат до 14 јуни, но министерката за внатрешни работи Марија Охисало, ја нарече ситуацијата во Шведска „загрижувачка“.
Владата во одбрана на стратегијата
Шведската Влада, сепак, продолжува да го брани својот контроверзен одговор на пандемијата на Ковид-19 и покрај тоа што земјата има една од најголемите стапки на смртност во светот, со 4.125 смртни случаи, односно околу 40 на 100.000 луѓе.
Бројт на смртни случаи од корона вирусот во земјата е речиси четири пати поголем од вкупниот број во останатите нордиски земји.
Трансмисијата се намалува, бројот на заболени на интензивна нега значително е намален, а растечката крива на смртност се израмни. Немаше потполно затворање на Шведска, но многу делови од шведското општество беа затворени – вели Линде, одговорајќи на обвинувањата дека земјата не направила доволно да го спречи ширењето на вирусот.
Прашањето дали земјата ја применила вистинската стратегија предизвикува бурни расправии и на домашно ниво.