Најголемиот светски производител на презервативи, малезиската компанија „Karex Bhd“, предупреди за глобален недостиг на овој производ, откако блокадата поради корона вирусот ја принудила да запре со производството.
Во последните десет дена компанијата нема произведено ниту еден презерватив во трите малезиски фабрики.
Тоа предизвикува недостиг од 100 милиони кондоми кои обично се продаваат на меѓународно ниво со брендови како „Дурекс“, доставени до државни здравствени системи, како што е британскиот „NHS“, или дистрибуирани преку програми за помош, како што е Фондот за население на ОН.
– Ќе бидеме сведоци на широко распространет глобален недостиг на презервативи, што ќе биде застрашувачки. Тоа нема да трае само две недели или еден месец. Овој недостиг може да трае со месеци – изјави извршниот директор на компанијата, Го Миа Киат.
Малезија е најпогодената земја во Југоисточна Азија од пандемијата на корона вирусот, со 2.161 заразени луѓе и 26 смртни случаи од корона вирусот. Предвидено е блокадата во земјата да трае најмалку до 14 април.
Други големи земји кои произведуваат презервативи, се Кина, каде што корона вирусот предизвика затворање на фабрики, како и Индија и Тајланд, кои неодамна соопштија за луѓе заразени со вирусот Ковид-19.