Свет 31. јули 2018. / 17:05

Поради лажни снимки и информации на интернет, во Индија за неколку месеци се убиени над 20 лица

Поради лажни снимки и информации на интернет, во Индија за неколку месеци се убиени над 20 лица

Апликацијата за размена на пораки „WhatsApp“ објави дека ќе започне тест за ограничување на пораките кои стигаат до нивните корисници на глобално ниво, откако индиските власти побараа да се спречи ширењето на гласините кои во оваа земја доведоа и до убиства.

Насилните инциденти предизвикани од лажни пораки во Индија, инаку земја со најголем број на корисници на „WhatsApp“ (повеќе од 200 милиони), ги поттикнаа властите да се обидат да ја спречат циркулацијата на лажни пораки со провокативна содржина.

Според информациите на властите, од април годинава поради пораки со лажна содржина загинале повеќе од дваесет лица, вклучувајќи ги и 65-годишната жена по име Рукмани и нејзините двајца 34-годишни братучеди.

Имено, жителите на селото Атимур ги обвиниле дека киднапирале деца и кренале побуна поротив нив, по што тие биле пречекани на одредена локација во селото и биле тепани со метални и дрвени прачки. Рукмани и нејзините роднини не го преживеале нападот, а на семејството сè уште не му е јасно зошто биле убиени.

Според „Њујорк тајмс“, во сојузната индиската држава Махараштра преку „WhatsApp“ кружело видео на кое се гледаат осакатени детски тела, но никој не може да ја потврди автентичноста на снимките.

Киднапирањето на деца во Индија е еден од најголемите стравови меѓу населението, а во лажните пораки и видеозаписи често се даваат точни описи на лица кои се наводни киднапери на деца, како и слики од нив. Корисниците на апликацијата „WhatsApp“ ги добиваат овие непроверени информации бидејќи преку мрежата тие брзо се шират и споделуваат и во некои случаи се решаваат да постапат во врска со нив и правдата да ја преземат во свои раце, иако во одредени ситуации наводните киднапери се недолжни граѓани.