Свет

Поради корупција уапсена ќерката на поранешен претседател

Поради корупција уапсена ќерката на поранешен претседател

Во рамки на истрагата за голем корупциски скандал денеска во Перу е уапсена ќерката на поранешниот претседател Алберто Фухимори – Кејко Фухимори.

Таа била приведена кога отишла во Обвинителство да даде изјава за финансирањето на нејзината кампања за претседател во 2011 година. Таа е осомничена за перење пари, кои ги добила од бразилскиот градежен гигант Одебрехт, што е дел од голем корупциски скандал кој ја потресе цела латинска Америка.

Компанијата призна дека давала поткуп во повеќе држави во регионот со цел да добие бизнис – зделки.

Кејко Фухимори (43) е лидер на конзервативната опозиција во Перу, а нејзината партија „Народна сила“ има најмногу пратеници во Парламентот.

Врховниот суд на Перу минатата недела го поништи помилувањето на поранешниот претседател на земјата, Алберто Фухимори, и нареди тој веднаш да биде уапсен и вратен во затвор. Судот образложи дека помилувањето било незаконско.

Поранешниот претседател на Перу, Педро Пабло Кучниски, на 24 декември минатата година одобри 80-годишниот Фухимори да биде ослободен од затвор бидејќи лекарите потврдиле дека страда од прогресивна, дегенеративна и неизлечива болест и дека неговиот живот бил загрозен во затворот.

Судиите издале наредба 80-годишниот поранешен претседател на Перу веднаш да биде уапсен за да може да ги издржи преостанатите 15 години затвор од пресудените 25 години. Тој беше осуден поради неговата улога во убиството на 25 лица за време на неговото 10-годишно владеење.