Американскиот државен секретар Мајк Помпео најави дополнителни 225 милиони долари помош за глобалната борба против пандемијата на корона вирусот, но кажа и дека администрацијата на претседателот Трамп ќе ја задржи неопходната медицинска помош за снабдувањето во САД, со оглед на огромните домашни потреби.
– Во моментов, со оглед на големата потреба за лична заштитна опрема во нашата земја фокусот ќе ни биде на задржување на неопходната медицинска опрема во САД – изјави Помпео на прес конференцијата во Стејт департментот.
Истовремено, Помпео најави дека САД со дополнителни 225 милиони долари ќе помогнат во глобалната борба за сузбивање на пандемијата на корона вирусот и потсети дека од претходно веќе се обезбедени 274 милиони долари за 64 земји низ светот.
– Овие дополнителни средства ќе бидат искористени за активности за спречување на ширењето на високо заразниот коронавирус преку дијагностиката, превенцијата и контролата, на засилувањето на здравствените системи, подготовка на лаборатории и обука на здравствените работници – порача Помпео.