Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека Светската здравствена организација (СЗО) треба темелно да се реформира и дека Соединетите држави, кои се најголемиот донатор на таа агенција на ОН, можеби никогаш повеќе нема да ја финансираат.
Мислам дека треба добро да ја протресеме СЗО и да видиме што ќе излезе од тоа. Последен пат ја реформиравме во 2007 година и ова е првпат да ги решаваме недостатоците на таа организација во рамките на ОН. Треба да ја поправиме, треба да направиме структурно прилагодување на СЗО – порача Помпео за телевизијата Фокс.
Претседателот на САД, Доналд Трамп минатата недела донесе одлука да го прекине финансирањето на СЗО, обвинувајќи ја организацијата дека била наклонета кон Кина и ги поддржувала дезинформациите на Кина за епидемијата на корона вирусот.
Претставниците на СЗО го негираа тоа, а Кина инсистира дека била транспарентна и отворена.
САД се најголемиот индивидуален финансиер на СЗО, со околу 400 милиони американски долари во 2019 година, што е околу 15 проценти од вкупниот буџет на организацијата.