Свет 05. мај 2020. / 10:13

Политичка криза во Израел: Нетанјаху бара од Врховниот суд да не се меша во формирањето нова влада

Политичка криза во Израел: Нетанјаху бара од Врховниот суд да не се меша во формирањето нова влада

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика Врховниот суд во Израел да не се меша во неговите напори за формирање коалициска влада и предупреди дека одлуката против него може да ја вовлече земјата во четврти избори што би било „без преседан“ во текот на малку повеќе од една година.

Се надеваме дека судот нема да се меша. Нема потреба да се меша. Се уште постои волјата на народот, јасен израз на волјата на народот – изјави Нетанјаху по брифингот со новинарите за пандемијата на корона вирусот.

Врховниот суд се обидува да утврди дали на Нетанјаху, кој е обвинет за корупција, треба да му биде дозволено да формира нова влада и дали коалицискиот договор за формирање влада за единство, што го потпиша со поранешниот главен политички ривал Бени Ганц, го крши законот.

Како што пренесуваат странските агенции, пресудите што се очекуваат кон крајот на оваа недела ќе утврдат дали ќе биде прекината долгата политичка криза во Израел и дали Нетанјаху и Ганц ќе формираат влада или повторно ќе се одржат избори.