Јужноафриканската активистка против апартхејдот Вини Мандела почина на 82 години. Вини и нејзиниот сопруг Нелсон Мандела речиси три децении беа симбол на борбата против апартхејдот во Јужна Африка.
Портпаролот на семејството Виктор Дламини изјави дека Вини умрела по долго боледување поради кое често од почетокот на годината била на болничко лекување. Таа работела како социјален работник кога се запознала со Нелсон. Во брак поминале 38 години, иако скоро три децении за тоа време биле разделени додека Мандела беше во затвор.
Вини Мадикизела Мандела е родена во местото Бизана на 26 септември 1936 година. Во 1958 година таа се мажи за лидерот на Африканскиот национален конгрес, Нелсон Мандела. По изборот на нејзиниот сопруг за претседател на Јужна Африка, Вини Мандела во 1994 година беше именувана за заменик министер за уметност, култура, наука и технологија. Во март 1996 година се разведе од Нелсон Мандела, а истата година ја напушти и заменик министерската функција. Во мај 2009 година првпат беше избрана за пратеник во јужноафриканскиот парламент, а на таа должност беше реизбрана и во април 2014 година.
Функцијата пратеник ја извршуваше се до нејзината смрт.