Свет 07. февруари 2021. / 21:30

Почина легендата на американската дипломатија

Почина легендата на американската дипломатија

Џорџ Шулц, поранешен државен секретар на претседателот Роналд Реган и архитект на американската дипломатија на крајот на Студената војна, почина вчера на 100-годишна возраст.

Ова денеска го објави на својата веб-страница  Институтот Хувер, тинк-тенк центар на Универзитетот Стенфорд, пренесе Франс прес.

„Џорџ Шулц, еден од најголемите стратези на сите  времиња, кој работеше за тројца американски претседатели, почина на 6 февруари“, пишува институтот.

„Шулц одигра клучна улога, заедно со претседателот Роналд Реган, во промената на текот на историјата, користејќи ги сите средства на дипломатијата за да се стави крај на Студената војна“, се вели во соопштението.

Шулц е член на Институтот Хувер повеќе од 30 години. Тој имал четири различни функции во сојузната влада – државен секретар (1982-1989), министер за финансии (1972-1974), министер за труд и директор на Буџетот на Белата куќа (1970-1972).