Свет 07. ноември 2020. / 21:47

Победата на Џо Бајден се слави и пред кулата на Трамп

Победата на Џо Бајден се слави и пред кулата на Трамп

На Петтата авенија во центарот на Менхетн стотици луѓе се доближија пред Трамп-кулата за да ја прослават победата на неговиот противкандидат Џо Бајден.

Еден човек држеше картонски натпис на кој пишуваше „ОТПУШТЕН СИ!!“, алузија на познатата реченица на Доналд Трамп на реалното телевизиско шоу што го водеше, „Чирак“ (The Apprentice).

Еден човек удираше по метално лонче прикачено на предниот дел од неговиот велосипед. Како што сè повеќе се приближуваа до крстосницата од Петтата и 57-та улица, која беше забарикадирана за да се спречи поблизок пристап до зградата, групите почнаа славенички да извикуваат. Во заднината им свиреа автомобили во знак на поздрав.

 

Во времето кога се објавуваа резултатите според кои Бајден е победник, Трамп, пак, отишол да игра голф.

Асошиејтед прес успеал да го фотографира претседателот во моментите кога дознал дека ова му е прв и последен мандат.