Свет 08. мај 2018. / 20:29

Победа на „кадифената револуција“ во Ерменија

Победа на „кадифената револуција“ во Ерменија

Ерменскиот парламент го избра опозицискиот водач Никол Пашинјан за нов премиер, ставајќи крај на повеќенеделната политичка криза во земјата.

Никол Пашинјан со недели ги предводеше мирните улични протести, насочени против корупцијата и непотизмот во Ерменија. Демонстрациите предизвикаа повлекување на премиерот Серж Саркисјан, а сега неговата функција ја презема Пашинјан.

Првиот обид за негов избор во Парламентот пред една недела доживеа неуспех, поради отпорот од мнозинската владејачка Републиканска партија. Поради тоа Пашинјан ги повика своите следбеници на повторни масовни протести и генерален штрајк. Пред вториот обид за гласање во парламентот, пратениците од Републиканската партија најавија дека ќе се изјаснат во прилог на Пашинјан, како што соопшти партискиот шеф Едуард Шармасанов.

Новиот премиер не планира учество во својот кабинет на богати бизнисмени, што беше претходна практика. Сепак, можно е да остави на функции одреден број од министрите на Републиканската партија Претседателот Армен Саркисјан изјави дека Ерменија треба да го користи ентузијазмот во земјата и позитивната слика во странство со која се здоби поради мирните протести.

Ерменија, која има само три милиони жители, се наоѓа во политички нестабилно опкружување во Јужен Кавказ: таа е во непријателски односи со соседите Азербејџан и Турција и зависна од Русија како свој заштитник. Москва пак ги сузбива т.н. шарени револуции на територијата на поранешниот Советски Сојуз преку притисок на масите на улиците. Во случајот со Ерменија, Москва се ограничи на соопштението дека во билатералниот сојуз ништо нема да се менува – Пашинјан ќе ги продолжи тесните релации со Русија.