По серијата критики од францускиот претседател Емануел Макрон и неколку други западни земји, Кина повика на меѓународно единство против корона вирусот.
Критиките на официјален Пекинг му беа упатени заради неговото управување со епидемијата на вирусот Ковид-19.
Императивно е сите земји да се обединат во борбата против епидемијата и да победат во оваа војна против Ковид-19 – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџијан.
Во интервју за „Фајненшел тајмс“, Макрон оцени дека постојат мрачни зони во кинеското управување со епидемијата на корона вирусот по нејзиното појавување во центарот на оваа земја, во декември 2019 година.
Макрон оцени дека е „наивно“ да се каже дека начинот на кој Кина управувала со кризата бил подобар од другите земји.
Не го знаеме тоа. Дури има и очигледни работи кои се случиле за кои ние не знаме – изјави Макрон.
Портпаролот на кинеското МНР, пак, оцени дека е бескорисно да се расправа за предностите и маните на различните политички системи и дека е важно светот да се обедини во борбата против пандемијата.
Кон сомнежите на францускиот претседател за кинеското управување со кризата се приклучија и Лондон и Вашингтон.
Велика британија ја предупреди Кина дека треба да одговори на тешки прашања за појавата на вирусот и зашто не го запрела порано. Администрацијата на американскиот претседател го обвини Пекинг дека ја криел сериозноста на епидемијата на почетокот, поради што го замрзна и американското финансирање на СЗО, забележувајќи дека организацијата ги поддржувала кинеските ставови.