Свет 19. февруари 2020. / 22:55

По осум години граѓанска војна: Прв комерцијален лет меѓу Дамаск и Алепо

По осум години граѓанска војна: Прв комерцијален лет меѓу Дамаск и Алепо

Сириски патнички авион од Дамаск слета во Алепо, што е првиот комерцијален лет меѓу двата најголеми градови во Сирија од 2012 година.

Летот, во кој биле сириски функционери и новинари, е значаен симбол дека Владата на претседателот Башар ал Асад, со поддршка на руската армија, ја консолидира контролата врз северозападната провинција Алепо и ги контролира последните делови од стратешкиот автопат што ги поврзува градовите Алепо и Дамаск, коментираат светските агенции.

Автопатот на кој се вршат поправки, како што е најавено, ќе биде отворен за неколку дена, за првпат по осум години.

Владините сили во последните неколку недели спроведоа голема офанзива за да ја вратат контролата врз провинцијата Алепо и делови од соседната провинција Идлиб, последните упоришта на бунтовниците во земјата.