Свет 07. ноември 2019. / 23:15

Петмина Малезијци се осудени на камшикување поради истополови односи

Петмина Малезијци се осудени на камшикување поради истополови односи

Верскиот суд на Малезија денеска осуди петмина мажи на затвор , камшикување и парична казна поради хомосексуални односи , информира Ројтерс.

Во Малезија со муслиманско мнозинство, содомијата и истополовиот секс се нелегални според исламскиот закон.

Високиот шеријатски суд во државата Селангор осуди четворица мажи на шест месеци затвор, шест удари со камшик и 4800 рингти (1.163 американски долари) за „обид да влезат во неприродна врска“. Петтиот човек е осуден на седум месеци затвор, шест удари со камшик и казна од 4.900 рингти.

Осудените пет мажи биле приведени со седум други во ноември 2018 година за време на рација во стан. Пресудата на останатите седум мажи е закажана за 19 ноември годинава.

Во Малезија има 32 милиони луѓе, од кои повеќе од 60 проценти се муслимани. Во рамките на правниот граѓански систем на оваа земја, религиозното право важи и за прашања од семејното и кривичното право.

Нуман Афифи, претседател на Организацијата за сексуални права во Пеланги, изјави дека одлуката е „нечуена“ и се плаши дека може да придонесе за атмосфера на страв во рамките на ЛГБТ заедницата.

Инаку, во последниве месеци, се зголемува нетрпеливоста кон ЛГБТ заедницата во Малезија. Во септември 2018 година, две жени беа осудени за камшикување за обид за „лезбејски секс“ во јужната држава Теренгану.