Кина активно развива флота на бомбардери со голем дострел, а веројатно обучува и воени пилоти за напади врз САД, се вели во најновиот извештај на Пентагон, пренесува Си-ен-ен.
„Во последните 3 години Народно-ослободителната армија на Кина брзо ги прошири операциите со бомбардери и стекна искуство за воени дејствија во поморски региони. Армијата најверојатно спроведува вежби за напади врз САД и нашите сојузници“, се вели во годишниот извештај на Пентагон во врска со воениот развој на Кина.
Пентагон исто така навдува дека Кина ги развива нуклеарните способности кај бомбардерите со голем дострел односно дека кинеските воздухопловни сили добиле нова нуклеарна мисија.
„Користењето на бомбардери способни за носење на нуклеарно оружје за првпат би и обезбедило на Кина нуклеарна ‘тријада’ на копно, на море и во воздух“, се вели во извештајот.
Кинескиот претседател Хи Џинпинг модернизацијата на армијата ја објави како една од најзначајните активности на земјата, заедно со борбата против корупцијата. Во извештајот на Пентагон се наведува дека кинеската армија во моментов е во процес на најголемо реструктуирање во својата историја, за да може да се бори и во заеднички операции.
Според извештајот објавен во четвртокот, Кина развива стратешки нуклеарни бомбардери со голем дострел, кои би можеле да станат функционални во следните 10 години.