Свет 03. мај 2018. / 10:03

Пауза од протестите во Ерменија, Пашинјан преговара со владејачката партија

Пауза од протестите во Ерменија, Пашинјан преговара со владејачката партија

Лидерот на ерменската опозиција, Никол Пашинјан објави еднодневна пауза од протестите ширум земјата, за да има време да разговара со владејачката партија.

Претходно, лидерот на владејачката Републиканска партија во парламентот рече дека нивните пратеници ќе го поддржат секој кој ќе биде предложен за премиер. Според Пашинјан, ова значи дека Републиканците ќе го поддржат, но сепак, наведе, ќе бара од нив дополнителни детали и посебна гаранција.

Ерменскиот парламент во вторникот не го избра Пашинјан за нов премиер, иако беше единствен кандидат. За него гласаа 45 пратеници, осум помалку од неопходниот број за да биде избран. Пред гласањето, пратениците на седницата што траеше девет часа, дискутираа за предлогот. Републиканците го обвинија за злоупотреба на младите, како и дека нема програма што може да ја понуди.

Ерменија е во политичка криза од 13-ти април, кога опозициската партија организираше протести, поради кои премиерот и претходен претседател на земјата, Серж Саргсјан поднесе оставка на 23-ти април. Народното собрание на Ерменија, на 8-ми мај ќе оддржи уште една посебна седница во обид да избере премиер.