Папата Франциско го осуди убиството на Палестинците во близина на границата на Израел и Појасот Газа и повика на дијалог за правдата и мирот да преовладаат на Блискиот Исток.
Обраќајки се пред десетицата илјади луѓе собрани на Плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, Папата предупреди дека убиствата ќе доведат до уште повеќе насилство.
„Повторувам дека употребата на насилството никогаш не носи мир. Војната раѓа војна и насилството раѓа насилство“, порача тој.
Поглаварот на Римокатоличката црква, кој ги посети израелската и палестинската територија во 2014-та година, ги повика двете страни и меѓународната заедница двојно да ги зголемат напорите за да преовладаат дијалогот, правдата и мирот.
Тој рече дека е многу загрижен за крвопролевањето и додаде оти чувствува голема болка поради убиените, повредените и сите оние кои страдаат.
Во протестите организирани поради преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, дојде до тешко насилство кога израелската војска отвори оган врз демонстрантите, пришто беа убиени 58 Палестинци, а беа повредени најмалку 2.700 лица.