Папата Франциск им нуди на сиромашните и бездомниците во Рим бесплатен тест за коронавирус, како дел од активностите на Светскиот ден на сиромашните, објави Ватикан.
Брисеви се земаат на клиника во близина на плоштадот Свети Петар, која Папата ја основаше пред неколку години за да обезбеди основни медицински услуги на сиромашните, вклучително и на бездомниците во областа на Ватикан.
Италија во средата надмина еден милион заразени со коронавирус, го престигна Мексико и стана една од 10-те најтешко погодени земји во пандемијата во светот, објави Ројтерс.
Архиепископот Рино Фисичела изјави дека дневно се спроведуваат околу 50 тестови и дека иницијативата ќе потрае.
Оние кои се негативни ќе добијат потврда за сместување во прифатилиштето, а позитивните ќе бидат испратени на понатамошно лекување.
Многу бездомници во Италија се странци кои немаат семеен лекар и Италијанци кои станале бездомници поради економски тешкотии и често се срамат да се вратат кај своите матични лекари.
Папата Франциск го воспостави Светскиот ден на сиромашните пред четири години за да привлече внимание кон потребите на сиромашните, особено во развиените земји. Светскиот ден на сиромашните се слави во недела.