Папата Франциск, во својот говор за време на првата посета на еден поглавар на Римокатоличката црква на Ирак, повика за прекин на екстремизмот и насилството.
– Да се стави крај на актите на насилство и екстремизам, на поделба и нетолеранција! Нека замолчи оружјето!, повика папата во своето обраќање.
Тој попладнево слета на меѓународниот аеродром во Багдад, каде беше поздравен од ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими и од групи кои презентирале најразлична народна музика и танци во Ирак.
Подоцна се сретна со претседателот Барам Салех, кој во 2019 година му испратил официјална покана за посетата, како и со други владини и верски претставници.
Од претседателската палата, водачот на 1,3 милијарди католици низ целиот свет, одржа говор, потенцирајќи ги длабоките корени на христијанството во Ирак.
– Вековното присуство на христијаните во оваа земја и нивниот придонес во животот на нацијата претставува богато наследство, што тие сакаат да продолжат да им го нудат на сите, рече папата Франциск.
Тој го повика раководството на земјата „да се избори со злото на корупцијата, злоупотреба на моќта и непочитување на законот“.
Папата, кој е отворен поддржувач на меѓуверскиот дијалог, ги поздрави и другите малцинства во Ирак.