Бројот на потврдени нови случаи на корона вирус во Јужна Африка во последните 24 часа е 13.497, со што вкупниот број заразени се искачи на 264.184. Министерот за здравство, Звели Мхизе, ваквиот пораст го нарече доаѓање во земјата на „бурата Ковид-19“, за која претходно предупредуваа властите.
Според агенцијата АП, повеќе од една третина од новите случаи потекнуваат од ново жариште, провинцијата Гаутенг, во која се Јоханесбург и главниот град Преторија, а вкупниот број на смртни случаи од Ковид-19 во целата држава изнесува 3.971.
Јавните болници во Јужна Африка веќе изразија загриженост за недоволниот број болнички кревети и недостатокот на медицински кислород.
Меѓу оние кои се тестираат за вирусот, повеќе од 25 проценти се позитивни, што, како што посочуваат надлежните, може да биде одраз на ширењето на инфекцијата, но и поизразен фокус на тестирање на одредени групи од населението.