Свет 07. август 2019. / 11:29

Падна кинескиот јуан – Од Вашингтон обвинуваат дека Кина го манипулира својот курс

Падна кинескиот јуан – Од Вашингтон обвинуваат дека Кина го манипулира својот курс

Кинескиот јуан повторно ослабе, за само еден ден откако стивнаа нервозите на светските пазари, со надеж на финансиските трговци дека падот запре.

Јуанот падна на 7.0488 за еден американски долар, што е намалување за 0,4 проценти од вторникот.

Финансиските пазари беа вознемирени, а индексите се намалија, бидејќи Пекинг му дозволи на јуанот да падне на 11-годишното ниво во однос на доларот во понеделникот, со што го сруши политички чувствителното ниво од седум јуани за еден долар.

Вашингтон на тоа одговори дека Кина неправилно го манипулира својот курс, отворајќи го патот за можни санкции.

Валутните тензии се нов елемент на веќе растечката американско-кинеска борба околу трговскиот суфицит на Пекинг и технолошката политика на Кина за која се загрижени компаниите и инвеститорите дека ќе го задуши глобалниот раст.

Иако, флуктуациите на јуанот се мали во споредба со флуктуациите на еврото и на другите големи валути, Вашингтон се жали дека јуанот е премногу слаб, предизвикувајќи кинеските цени на извозот да бидат неправедно ниски и да го „надујат“ трговскиот вишок на Кина.

Затоа, секој пад на курсот е политички проблематичен.

Народната банка на Кина го поставува јуанскиот девизен курс секое утро и дозволува да се зголеми или падне до 2 проценти во текот на денот.

За да се управува со девизниот курс, таа може да интервенира со купување или продавање на валутата и може да нареди кинеските комерцијални банки да го сторат тоа. Пекинг ги увери странските компании дека јуанот нема да продолжи да паѓа, но тоа не се случи денес.