Нов Зеланд ја продолжи забраната за влез на крузери во земјата и ги заостри карантинските мерки за посетителите во земјата откако се регистрирани нови случаи на заразени со корона вирус.
Нов Зеланд беше меѓу првите во светот што ги укина сите ограничувања, откако немаше активни случаи.
Ќе ја продолжиме моменталната забрана за пристигнување крузери, која требаше да заврши на 30 јуни – изјави премиерката Џасинда Ардерн на прес-конференција.
Таа додаде дека на товарните бродови и натаму ќе им биде дозволено товарање и истоварање.
Нов Зеланд забележа два нови случаи на Ковид-19 и сега има вкупно девет активни случаи. Сите се ставени во карантин по влегувањето во земјата, а засега нема сознанија за локално ширење на заразата.
Ардерн истакна дека се заострени мерките на границите и дека оние кои се во карантин треба да направат повеќе тестови и мора да бидат негативни пред да излезат од карантинот.
За да може лицето да се смета за ниско ризично, пред да излезе од изолација или карантин по 14 дена, треба да се тестира и да има негативен резултат – изјави Ардерн.
Во Нов Зеланд имаше вкупно 1.163 заразени, а починаа 22 лица од Ковид-19.