Свет 05. јуни 2020. / 10:38

Осум минути и 46 секунди тишина на комеморацијата на Џорџ Флојд во Минеаполис

Осум минути и 46 секунди тишина на комеморацијата на Џорџ Флојд во Минеаполис

Познати личности, активисти за граѓански права, политичари, обични граѓани, пријатели и семејството ноќеска присуствуваа на комеморацијата на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој минатиот понеделник беше убиен за време на полициско апсење во Минеаполис.

Тие му оддадоа почит на Флојд стоејќи во тишина осум минути и 46 секунди, времето колку што офицерот Дерек Шовин го држел коленото на вратот на жртвата.

Телото на Џорџ Флојд е положено во златен ковчег опкружен со цвеќиња, а покрај неговиот портрет, зад присутните беше поставен мурал со неговиот лик, пренесува „Гардијан“.

Свештеникот Ал Шерптон, кој ја водеше молитвата, кажа дека САД никогаш не биле „големи“ за црнците.

-Зборуваме за голема Америка. Голема за кого? Ние за првпат ќе ја направиме Америка голема за секого. Никогаш не беше голема за црнците. Никогаш не беше голема за Хиспаносите. Никогаш не беше голема за другите. Ниту за жените, рече Шерптон, пренесен од Си-Ен-Ен.

Тој, исто така, кажа дека САД се на крстосница и дека верува повеќе од кога и било претходно дека работите во земјата ќе се променат и дека приказната за Џорџ Флојд е приказна за црнците.

Адвокатот на семејството Флојд, Бенџамин Крамп изјави дека не сакаат два правосудни системи во САД, еден за црнците и еден за белците.

-Џорџ Флојд не го уби пандемијата на корона вирусот. Другата пандемија, што многу добро ја знаеме во САД, го уби Џорџ Флојд, пандемијата на расизамот и дискриминација, рече Крамп.

Комеморацијата во Минеаполис е прва во низата, бидејќи комеморативните собири ќе се одржат во уште во два града во САД.