Италијанскиот банкар Гилберто Баскиера избегнал затворска казна откако бил фатен во извлекување на околу еден милион евра од сметките на богатите клиенти, кои потоа ги давал на сиромашните луѓе.
Во текот на глобалната финансиска криза во 2009 година, овој италијански банкар од малото гратче Форни ди Сопра одлучил да им помогне на своите сиромашни сограѓани кои не можеле да добијат банкарски кредити.
Италијанскиот Робин Худ, како што го нарекуваат медиумите, дошол до идеја да префрла пари од сметките на богатите клиенти на сиромашните граѓани, со цел тие да станат кредитоспособни. Доколку клиентите кои доаѓале кај него и барале кредит немале услови за тоа, Баскиера им префрлал пари од туѓа сметка со тоа што тие му ветувале дека ќе ги вратат парите.
Но, бидејќи дел од клиентите не го одржале своето ветување, со текот на времето работодавецот на Гилберто забележал “дупки” во сметките и Баскиера бил фатен на дело.
Тој оваа недела беше осуден на две години затвор, а бидејќи не направил никаков престап и не ги искористил парите кој ги зел, тој не мора да издржува затворска казна, пишуваат медиумите. Сепак, како што изјавил неговиот адвокат, банкарот останал без работа и ќе мора да ја продаде куќата во која што живее за да ги врати настанатите долгови.
Гилберто Баскиера станал познат во своето мало гратче од илјада жители, а откако случајот се појавил во јавност, тој ги контактирал сите лица на кои им ги зел парите со цел да им објасни што го натерало да го направи тоа.
Своите потези ги нарекол “правда и побуна против системот кој ги напуштил пензионерите и младите луѓе без средства”.