Свет 20. ноември 2020. / 18:07

Орбан: Спорот околу буџетот на ЕУ и фондот за обнова ќе биде решен

Орбан: Спорот околу буџетот на ЕУ и фондот за обнова ќе биде решен

Спорот околу фондот за обновува и за буџетот на Европската унија на крајот ќе биде решен, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, а високо позицииониран претставник во Варшава кажа дека Полска има право да бара „нов компромис“ за договорот.

Унгарија и Полска одбија да го поддржат финансискиот план на Унијата бидејќи распределбата на парите е условена со почитување на владеењето на правото.

-Разговорите треба да продолжат и на крајот ќе се согласиме, така тоа вообичаено се прави, изјави Орбан за унгарското државно радио.

Според британските медиуми, Орбан смета дека постојат неколку опции за надминување на сегашниот ќор-сокак, „што се прифатливи за Унгарија и Полска, а во кои одлучуваат правните аспекти, а не политичкото мнозинство“. Тој не даде детали за тоа што го кажа.

Орбан, чија влада овој месец издаде еврообврзница, кажа дека, без разлика на тековните политички дискусии за фондовите на ЕУ, „сите развојни проекти што Унгарија ги планира во следните 10 години ќе бидат спроведени“.

Истовремено, Кшиштоф Шчерски, шеф на кабинет на полскиот претседател, денеска изјави дека неговата земја, во рамките на европската политика, има право да одбие да го прифати „тоа што не е во ред“.

-Имаме право да бараме и ние бараме нов компромис, рече тој за јавниот сервис ТВП Инфо.

Британските медиуми наведуваат дека полското и унгарското вето веројатно ќе ја одложат распределбата на стотици милиони или милијарди евра од фондовите на ЕУ за земјите-членки во време кога Унијата се бори со вториот бран од коронавирусот, што веројатно ќе предизвика втора рецесија во последниот квартал на 2020 година.