Џорџ Сорос е „најкорумпираниот човек во современата меѓународна политика“, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан и порача дека милијардерот претставува закана по Унгарија и Полска.
Орбан порача дека Сорос, американски милијардер со унгарско потекло, на „платен список имал многу политичари“ и дека е „силата на корупцијата зад бирократите во Брисел кои ја уценуваат и ѝ се закануваат на Унгарија“.
Унгарскиот премиер порача дека Сорос претставува закана по Унгарија и Полска, иако Европската унија дебатите ги решава преку преговори. Орбан оцени дека лагите за Унгарија не се невообичаени, но сега достигнале критична точка.
Моментално Унгарија и Полска се противат во врска со буџетот на Европската унија и фондовите за опоравување – Орбан тврди дека сето тоа треба да се темели на правото, а не на политиката.
– Тие, со поддршка на Сорос сакаат да формираат институции кои би ја приморале Унгарија да ги отвори границите на југ и да прифати мигранти, изјави Орбан и порача дека официјална Будимпешта ги отфрла тие барања.
Коментирајќи го повикот на Сорос за спроведување на истрага во врска со испораката на примероци на руската вакцина против коронавирус во Унгарија, Орбан јасно порача дека не е на Сорос да одлучува кои вакцини се добри, а кои не.
– Тоа ќе можат да го бираат лабораториите и граѓаните на Унгарија. Тие ќе можат да изберат помеѓу неколку вакцини, изјави Орбан и порача дека земјата веќе има набавено 12 милиони дози на вакцина против коронавирус.