Свет 07. мај 2018. / 17:17

Орбан: Нашата должност е да ја заштитиме унгарската христијанска култура

Орбан: Нашата должност е да ја заштитиме унгарската христијанска култура

Пред реизборот за премиер, десничарот зборува за градење „христијанска демократија“.

Виктор Орбан рече дека главната задача на неговата нова влада ќе биде да ја зачува безбедносната и христијанската култура на Унгарија.

Тврдокорниот десничар во април беше реизбран за трет последователен мандат како премиер, а победата му ја овозможи силната антиимиграциска порака. Претседателот Јанос Адер денеска побара од него да формира влада.

Кампањата на Орбан, еден од најгласните противници на имиграцијата во Европа од главно муслимани што бегаат од војната и сиромаштијата на Блискиот Исток и Африка, помогната со медиумската доминација на неговата партија Фидес, најде одѕив кај делови од електоратот, особено во руралните средини, вели Гардијан.

Фидес има 133 од 199 места во парламентот, што ќе ѝ овозможи на партијата да усвојува какви било закони, дури и оние за кои е потребна двотретинска поддршка.

Парламентот ќе ја одржи својата прва седница во вторник, каде што Орбан ќе биде официјално реизбран за премиер.

Во радиоинтервју во петокот, Орбан рече дека неговата влада гради „христијанска демократија“.

„Ние работиме на градење стара школа христијанска демократија, која е вкоренета во европските традиции… Ние веруваме во важноста на нацијата и во Унгарија не сакаме да ѝ попуштаме на ниедна наднационална деловна или политичка империја“, рече тој.

Орбан ги обвини невладините организации финансирани од милијардерот роден во Унгарија Џорџ Сорос за политичко мешање и за активно поддржување на имиграцијата.

Тој рече дека секоја организација вклучена во миграцијата ќе мора да бара дозвола од националните безбедносни органи.

Еден од првите закони за кои се очекува да бидат усвоени од парламентот е законот „Стоп Сорос“, кој ќе наметне данок од 25 отсто на странските донации за невладините организации што ја поддржуваат имиграцијата.

Сорос рече дека нападите против него се „лаги и извртувања“ дизајнирани да создадат лажен непријател.