Обединетите нации сè уште немаат добиено барање да ја испитаат катастрофалната експлозија во Бејрут, изјави во петокот портпаролот на ООН, откако францускиот претседател Емануел Макрон повика на меѓународна истрага.
Десетици луѓе сè уште се водат како исчезнати, откако во вторникот најмалку 154 лица загинаа, 5.000 беа повредени, а 250.000 останаа бездомници во главниот град на Либан, во ситуација кога земјата веќе страда од сериозни ефекти од економската криза и пандемијата на коронавирус.
Почетокот на либанската истрага како причина за експлозијата води кон товар на амониум нитрат што бил оставен од руски брод во магацините во Бејрут. За време на посетата на Бејрут во четвртокот, Макрон рече дека е потребна транспарентна меѓународна истрага.
Ние би биле подготвени да го разгледаме таквото барање, доколку го примиме. Но досега ништо такво не е примено, рече портпаролот на ООН Фархан Хак пред новинарите.
Истрагата може да ја покрене и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ако за тоа го задолжи некое тело на ООН како што е Генералното собрание, кое има 193 земји-членки, или пак Советот за безбедност, кој е составен од 15 земји-членки.
Либанскиот претседател Мишел Аун во петокот рече дека либанската истрага за причината за експлозијата ќе испита дали експлозијата е предизвикана од бомба или некој друг вид странска вмешаност, или е предизвикана од небрежност.