Од Обединетите Нации изразија сериозна загриженост за ескалацијата на конфликтот во регионот Тиграј во Етиопија и изјавија дека во тек е подготовка на план за справување со речиси 200,000 бегалци во соседен Судан.
Конфликтот во Тиграј е вооружен конфликт кој започна овој месец, во северниот дел на Етиопија. Битките се водат помеѓу Специјалните сили на регионот Тиграј и Армијата на Етиопија која е во сојуз со специјалните сили на регионот Амхара.
Во последните денови конфликтот станува се пожесток и поинтензивен, откако рано утринава силите на регионот Тиграј лансираа неколку ракети кон околни градови во другите региони, што ја зголеми опасноста дека овој конфликт може да се претвори во поголема војна.
Стотици, а можеби и илјадници луѓе беа убиени до сега, а најмалку 10 илјади бегалци ги напуштија своите домови, што го доведе во прашање авторитетот на централните власти во Етиопија околу тоа дали Премиерот Абиј Ахмед може да ја задржи територијалната целост на Етиопија.
Конфликтот трае само две недели, а Обединетите нации веќе изјавија дека во тек е подготовка на план за долготрајно сместување на бегалците од овој регион, најмногу во соседен Судан, додека нивниот број може да изнесува и до 200.000 луѓе.
Организацијата на обединетите нации исто така побара и итна распределба на 200 милиони долари на нивно располагање со цел да им се помогне во справување со потенцијалната хуманитарна криза и нов бегалски бран.