Економската комисија на ОН за Африка (УНЕЦА) предупредува дека пандемијата на корона вирусот може да убие најмалку 300.000 Африканци и во екстремна сиромаштија да турне 29 милиони луѓе.
Во Африка досега 54 земји пријавија 20.000 потврдени случаи на инфекцијата, што е малку во споредба со остатокот од светот, каде што се заразени два милиона лица.
Сепак, Светската здравствена организација (СЗО) пред два дена предупреди дека во Африка за три до шест месеци може да има и 10 милиони заразени случаи.
За заштитата и изградбата на нашата заедничка благосостојба потребни се 100 милијарди американски долари за како одговор веднаш да се создаде здравствена и социјална безбедносна мрежа – се наведува во извештајот на УНЕЦА.
Оваа агенција на Обединетите нации, исто така, го поддржува и повикот на африканските министри за финансии за дополнителни 100 милијарди американски долари стимул, што ќе вклучува и бришење на долговите кон странство.
УНЕЦА предвидува четири сценарија што се темелат на нивото на превентивно дејствување на африканските влади.
Истражувањето предвидува дека без овие интервенции, годинава може да се заразат повеќе од 1,2 милијарди Африканци, а 3,3 милиони да умрат. Но, и во најдоброто сценарио, каде сите влади ги спроведуваат мерките, на Африка и се закануваат 122,8 милиони заразени лица, 2,3 милиони хоспитализирани и 300.000 мртви.