Свет 25. февруари 2021. / 18:13

ОН: Белорусија продолжува со системската репресија

ОН: Белорусија продолжува со системската репресија

Високата комесарка на ООН за човекови права Мишел Башле денеска изјави дека „системската репресија продолжува“ во Белорусија и додаде дека е загрижена за плановите за заострување на казните против мирните демонстранти.

– Загрижена сум што новинарите и активистите за човекови права се сè повеќе мета, и институционално и индивидуално, рече Мишел Башле во видео пораката до Советот за човекови права на ООН.

Комесарката потсети дека минатата недела белоруските безбедносни сили извршиле претреси против новинари, активисти за човекови права, како и против некои нивни организации, бидејќи тие се под „кривична истрага поради масовни немири“.

Според неа, до 9 февруари 246 лица биле осудени на затворски казни од политички причини.

Власта на претседателот Александар Лукашенко од минатата година ги сузбива протестите што започнаа во август 2020 година по претседателските избори.

– Клучно за иднината на земјата е да се воспостави најшироко можно почитување на човековите права и простор за граѓанско изразување, рече Башле, која повика на ослободување на сите затворени демонстранти и истрага за кршење на човековите права.